Lokman İlhan
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
БОГОТА (АА) - Претседателот на Перу, Мартин Визкара, соопшти дека во земјата на 26 јануари ќе се одржат предвремени парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Перу во изминатите два дена западна во длабока политичка криза која ескалираше со изборот на нови судии на Уставниот суд. Националниот конгрес, во кој опозицијата има мнозинство, не го послуша предлогот на Визкара за измена на правилникот за избор на нови судии, па Визкара го распушти Конгресот и распиша нови избори.
Одлуката за распуштање на Конгресот и за распишување нови избори е објавена во денешниот Службен весник на Перу (El Peruano) и така стана правосилна.
Во одлуката се наведува дека функцијата премиер до изборите ќе ја извршува министерот за правда, Висенте Забалос.
Од друга страна, Конгресот изгласа разрешување на Визкара од функцијата претседател на државата и потпретседателката Мерседес Араоз ја именуваше за привремена шефица на државата.
Перуанските медиуми јавуваат дека Араоз би можела да биде обвинета за злоупотреба на положбата и осудена на затворска казна до шест години. Во случај да именува паралелна влада, на сите нејзини членови им се заканува иста казна.
Вооружените сили и полицијата застанаа на страната на претседателот Визкара, а во многу градови вчера беа одржани и масовни протести за поддршка на Кабинетот на Визкара.