Rabia İclal Turan
30 Јуни 2023•Ажурирај: 30 Јуни 2023
АНКАРА (АА) – Повеќе од 600 лица се приведени низ Франција вчера, на третата ноќ од протестите поради фаталното полициско застрелување на 17-годишник, јавува Анадолу.
Судирите меѓу демонстрантите и полицијата продолжија во многу градови, Париз, Бордо, Лион, Рубе, Марсеј и Лил.
Демонстрантите запалија различни згради и вандализираа јавен имот, а голем број предградија и градови во парискиот регион, исто така, воведоа полициски час.

Протести се одржаа во сите региони во Франција, а на видеоснимките на социјалните мрежи се гледа како демонстранти ограбуваат продавници и оштетуваат ресторани.
Цел беа и јавните згради, вклучително и училиштата, а најмалку десетина јавни автобуси беа запалени и изгорени во Парискиот Регион.
Премиерката Елизабет Борн во објава на Твитер денес ги опиша актите на насилство како „неподносливи и неоправдани“.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин на Твитер објави дека полицијата привела 667 лица, од кои 307 во Парискиот Регион. За време на судирите повредени се и 249 полицајци.
Претседателот Емануел Макрон попладне ќе одржи меѓуминистерски кризен состанок додека Владата се бори да го врати редот.
Жртвата, идентификувана како Нахел М., е застрелана од полицијата во вторникот во париското предградие Нантер откако не застанала при сообраќајна контрола, велат обвинителите.

Обвинителството соопшти дека полицаецот што го застрелал тинејџерот се товари за самоволно убиство и се наоѓа во истражен притвор.