Ekip
14 Мај 2020•Ажурирај: 15 Мај 2020
ЕРУСАЛИМ
Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека САД и Израел сакаат Иран да ја напушти Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за израелското радио „Кан“, Помпео синоќа изјави дека Вашингтон јасно му ставил до знаење на режимот на Асад дека сака да се заврши вмешаноста на Иран во Сирија.
Тој рече дека постојаниот притисок на Америка врз Иран се покажал како ефикасен и спречил Техеран да стекне ресурси за да продолжи со „тероризмот низ светот“.
„Овие се тешки времиња низ целиот свет, но ова е важен однос во важно време. Разговарав со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Бени Ганц за многу теми од широк спектар - справувањето со Иран и проширувањето на ембаргото за оружје врз него“, рече Помпео во интервјуто, според израелскиот весник „Ерусалим пост“.
Високиот американски дипломат рече дека Вашингтон се надева оти народот на Иран ќе избере ново раководство.
Тој, исто така, зборуваше за непосредната израелска анексија на окупираниот Западен Брег.
„Израелската Влада ќе одлучи за тоа прашање, точно кога и како да го стори тоа“, рече тој.
„Се надевам дека Палестинците ќе сфатат дека мирот е добар за нив.“
Помпео се осврна на таканаречениот Договор на векот, предложениот мировен план на САД, кој беше одбиен од Палестинците, вклучувајќи го и претседателот Махмуд Абас.
Американскиот државен секретар вчера беше во посета на Израел на која се состана со Нетанјаху и Ганц, но не се состана со ниту еден палестински официјален претставник.
Американскиот претседател Трамп на 28 јануари 2020 година го претстави таканаречениот Договор на векот за завршување на израелско-палестинскиот судир.
Со тој план, Ерусалим (Кудс) е прогласен за неделив главен град на Израел. Трамп тогаш порача дека неговиот план е последна шанса за воспоставување независна палестинска држава.
Палестинските власти велат дека според планот на САД, Израел ќе анексира 30-40 отсто од Западниот Брег, вклучително и целиот Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Планот привлече широки критики од арапскиот свет и беше одбиен од Организацијата на исламска соработка, која ги повика „сите земји членки да не се вклучуваат во овој план или да не соработуваат со американската администрација во неговото спроведување во која било форма“.