Umar Farooq
01 Мај 2019•Ажурирај: 02 Мај 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа изјави дека претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, бил подготвен да ја напушти земјата во екот на вчерашниот бунт, но дека властите на Русија го увериле да остане во Каракас, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Мадуро веќе долго никој не го видел. Авионот му беше подготвен на пистата. Беше подготвен утринава да ја напушти земјата, а како што дознаваме, Русија го уверила дека треба да остане“, изјави Помпео за „Си-ен-ен“.
Помпео, исто така, тврди дека повеќе високи официјални претставници на администрацијата на Мадуро биле подготвени да ја напуштат Венецуела.
Властите на САД во потполност го поддржаа вчерашниот обид за воен удар, кој во Венецуела го започна лидерот на опозицијата и самопрогласениот привремен претседател на државата, Хуан Гваидо.
Венецуелската Влада започна акција за сузбивање на обидот за пуч, а на улиците дојде и до нереди во кои се повредени повеќе лица.
Гваидо и денес ги повика граѓаните да излезат на улиците, а истото го стори и претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, кој бара од народот да застане во одбрана на државниот поредок.