Emre Aytekin
10 Октомври 2019•Ажурирај: 11 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во однос на операцијата „Извор на мирот“, чија цел е оневозможување на формирањето терористички коридор близу јужната граница со Турција и воспоставување мир и спокој во регионот, рече дека Турција има легитимна загриженост за безбедноста, пренесува Anadolu Agency (AA).
Помпео во изјавата за американската телевизија „ПБС“ (PBS), во однос на турската операција „Извор на мирот“, истакна: „Турција има легитимна загриженост за безбедноста. Има терористички закани од нејзината јужна страна. Ние, во согласност со нашите цели во Сирија, борејќи се против заканата од ДЕАШ, направивме сѐ за тероризмот да не ги засегне граѓаните во Турција. Ќе продолжиме да работиме во таа насока.“
Помпео, на прашањето дали САД, групите кои ги раководи ЈПГ/ПКК сѐ уште ги сметаат за сојузници, или мислењето е променето, одговори: „Турција има легитимна загриженост за безбедноста. Тоа го кажавме и порано. Јас и лично го кажав тоа. Има терористички закани од нејзината јужна страна.“
Потсетувајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, по неговиот телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, дека САД ги повлекоа своите војници, презентерот до Помпео го упати следното прашање: „Дали тоа е зелено светло за операцијата на Турција?“.
„Не, тоа не е точно. САД не дадоа зелено светло за операцијата. На состанокот во неделата, на кој се процени дека американските трупи во регионот може да бидат изложени на ризик, претседателот Трамп одлучи да ги премести трупите на место каде што ќе бидат заштитени. Тоа е сѐ“, нагласи Помпео.
Истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави водат борба за отстранување на ДЕАШ од Сирија, Помпео рече дека одлучноста за ова прашање ќе продолжи.