Muhammet Nazım Taşçı
30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Интензивните монсунски врнежи од дожд од кои се зафатени повеќе сојузни држави во Индија, предизвикаа поплави во кои досега животот го загубија 120 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според вестите објавени во индиските локални медиуми, поплавите во сојузната држава Утар Прадеш одзедоа 79 животи, во Бихар 25, во Утараканд, Мадја Прадеш и Раџастан по 13, додека во Гуџарат од поплавите починаа 3 лица.
Властите на државата Бихар информираа дека интензивните дождови негативно влијаеле на патниот сообраќај, додавајќи дека се откажани 13 железнички линии.
Врнежите сериозно го нарушија и животот во Патна, главниот град на оваа сојузна држава, при што поплавите предизвикаа нивото на водата во градот да достигне до колената.
Премиерот на Утар Прадеш, Јоџи Адитјанат во својата изјави им изрази сочувство на семејствата на починатите, соопштувајќи дека на семејствата ќе им бидат исплатени 400.000 индиски рупии (околу 5.200 евра).
Властите информираа дека невремето проследено со интензивни врнежи од дожд предизвика поплави, при што имало случаи на уривање на куќи, удари на гром, давење и каснувања од змии.
Се очекува од понеделник да се намали интензитетот на врнежите.
Во Јужна Азија, во периодот јуни - септември активни се монсунските дождови, кои секоја година предизвикуваат разорни природни катастрофи и несреќи. Оваа година врнежите од дожд во Индија, Непал и Бангладеш беа причина за смртта на најмалку 400 лица.