Şenhan Bolelli
10 Ноември 2017•Ажурирај: 11 Ноември 2017
МАДРИД (АА) - Поранешната претседателка на каталонскиот Парламент, Карме Форкадел, денес излезе од затворот во Мадрид, откако Каталонското национално собрание (ANC) плати надоместок од 150.000 евра, јавува Anadolu Agency (AA).
По излегувањето од затворот Алкала Мено, Форкадел не сакаше да одговори на прашањата на новинарите.
На Форкадел, една од водечките активисти на каталонското движење за независност низа години наназад, поради ризикот да ја напушти земјата ѝ е одземен пасошот и треба на секои 15 дена да се јавува на судот во Барселона.
Уставниот суд на Шпанија на 27 октомври најави дека ќе отвори истрага против шест поранешни членови на управата на сега распуштениот Парламент на Каталонија поради евентуалните обвиненија за бунт, востание и проневера, по едностраното прогласување независност една недела претходно.
Меѓу шесте лица против кои е отворена истрагата е и поранешната претседателка на регионалниот парламент, Карме Форкадел.
Од АНЦ се наведува дека парите за отштета на поранешната претседателка на парламентот се собрани како дел од иницијативата „Каса на солидарноста", а се работи за доброволни прилози на Каталонците.
Исто така, се наведува дека отштета ќе биде платена и за четири члена на каталонскиот Парламент кои биле уапсени по истите обвиненија, а за кои, исто така, постои можност за ослободување со надомест од по 25 илјади евра.