Ekipa
18 Октомври 2019•Ажурирај: 19 Октомври 2019
ОВЕИДО (АА) - Во Каталонија започна генерален штрајк свикан од синдикатите кои се залагаат за независност, што предизвика значајна вознемиреност, а кој коинцидира со повторното активирање на европското барање за апсење на поранешниот претседател, јавува Anadolu Agency (AA).
Според локалните медиуми, како последица на протестите затворени се 14 автопати, додека метро и железничките линии работат со намален капацитет.
Големите туристички атракции се исто така погодени, бидејќи демонстрантите го блокираа влезот на црквата „Саграда Фамилија“, а над 80 отсто од продавниците во централниот дел на Барселона се затворени поради штрајкот.
Стотици илјади демонстранти од понеделникот се на улиците за да го изразат своето негодување кон Врховниот суд поради изрекувањето казни затвор на девет сепаратистички лидери.
Иако деновите беа обележани со масовни, но генерално мирни протести, тензиите ескалираа во последните четири вечери.
Синоќа избија судири меѓу шпанската ултрадесница, групите на антифашистите и полицијата.
Од понеделникот, уапсени беа над 100 лица и властите проценуваат дека само материјалната штета во Барселона изнесува 1,5 милиони евра.
Карлес Пуџдемон, поранешниот лидер на шпанскиот автономен регион Каталонија, кој избега во Белгија во 2017 година, пред да биде фатен во Шпанија, доброволно се предаде на белгиските власти во петокот, откако беше реактивирана европската потерница. Тој подоцна беше ослободен од судијата.
Кога Пуџдемон беше претседател на Каталонија во 2017 година, го предводеше нелегалниот референдум за независност и подоцна прогласи независност од Шпанија.
Шпанските власти се подготвуваат за вечерва, кога се очекува протестите да го достигнат својот врв досега.