БИШКЕК (АА) - Судот во главниот град на Киргистан, Бишкек, нареди поранешниот претседател Алмазбек Атамбајев да биде задржан во притвор до 26 август, пренесува Anadolu Agency (AA).
Окружниот суд „Первомајски“, исто така наредил да се заплени дел од имотот на Атамбајев по неговото апсење поради одбивањето да се одзве на поканата на судот во кривичната истрага.
Донесена е одлука и за заплена на зградата на Медиумскиот форум во Бишкек заедно со ТВ-каналот „Апрел“.
Безбедносните сили во четвртокот го уапсија Атамбајев по неуспешниот обид за рација врз неговиот дом претходната ноќ.
Силите упаднаа во домот на Атамбајев, во селото Кои-Таш, на околу 20 километри јужно од Бишкек.
Киргистанското Министерство за внатрешни работи објави дека Атамбајев е одведен во одделот за истраги.
Стотици приврзаници на Атамбајев се обидоа да го одбранат пред неговото приведување, поради што беа преземени безбедносни мерки околу неговата резиденција.
Шест лица од неговото обезбедување, кои беа земени како заложници во операцијата во средата, се ослободени.
Во рацијата во средата животот го загуби еден полицаец.
Околу 100 луѓе беа повредени во судирите меѓу безбедносните сили и приврзаниците на Атамбајев, кои го чуваа неговиот дом месец и половина.
По операцијата во средата, актуелниот претседател на Киргистан, Соронбај Џенбеков, го прекина одморот и се врати во Бишкек.
Џенбеков свика вонредно генерално собрание, со кое претседаваше парламентарниот спикер Дастан Џумабеков.
Отфрлајќи ги наводите дека Атамбајев и тој имале лични проблеми, Џенебеков рече: „Ова не е расправија на двајца. Ова е правна борба против лице кое дава поголема важност на своите лични интереси отколку на интересите на државата.“
Атамбајев, кој ја извршуваше функцијата претседател од 2011 до 2017 година, е обвинет за корупција, која тој ја негира. Киргистанскиот Парламент му го одзеде имунитетот во јуни.
И покрај тоа што е релативно стабилен, Киргистан доживеа периоди на неизвесност откога доби независност од Советскиот Сојуз.
Во 2005 и 2010 година тогашните претседатели беа тргнати од функција во насилни протести кои зад себе оставија стотици мртви.
Мнозинството од популацијата на Киргистан, која брои 6 милиони, се муслимани кои зборуваат туркиски јазик, а северниот и јужниот дел на земјата се поделени според богатството и етничката припадност.