Şeyma Uzundere
07 Мај 2021•Ажурирај: 08 Мај 2021
АНКАРА
Поранешниот претседател на Малдиви и претседател на Парламентот, Мохамед Нашид, вчера беше повреден во експлозија што се случи во близина на неговиот дом во главниот град Мале, известува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Малдивите, Имран Абдула, изјави дека продолжува лекарскиот третман на Нашид во болницата во која е пренесен, додавајќи дека поранешниот претседател не е во животна опасност.
Министерот Абдула соопшти дека е започната истрага за инцидентот.
Додека претставниците на полицијата не дадоа никакви изјави дали експлозијата е обид за атентат или не, индискиот министер за надворешни работи, д-р Субрахманјам Џаишанкар, во својата објава на социјалните мрежи експлозијата ја опиша како напад врз поранешниот претседател на Малдиви, Нашид.
Од друга страна, претседателот на Малдиви, Ибрахим Мохамед Солих, експлозијата ја опиша како напад врз демократијата и економијата на земјата. Солих соопшти дека австралиската полиција ќе помогне во истрагата.
Мохамед Нашид е првиот демократски избран претседател на Малдиви. Нашид на оваа функција дојде по 30 години автократско владеење во земјата и беше претседател на Малдиви во периодот од 2008 до 2012 година. Нашид е избран за претседател на Парламентот во 2019 година.