Ömer Faruk Yıldız
07 Мај 2021•Ажурирај: 10 Мај 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Новинарката на порталот „Мјанмар нау“ (Myanmar Now), Кеј Зон Нвеј, беше уапсена во февруари додека известуваше за протестите против пучот во Мјанмар, а воената хунта поради постот по повод Рамазан ја заклучи во самица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Адвокатката на одбраната, Нилар Кине, соопшти дека нејзината клиентка за време на вчерашното рочиште ѝ кажала дека во самица е од 28 април.
Таа рече дека новинарката Нвеј пости во текот на Рамазан, што властите погрешно го сфатиле дека се работи за протест со глад и затоа ја преместиле во самица.
„Нвеј за време на престојот во затвор не изразила никаков протест. Само го практикува рамазанскиот пост. Таа без причина се наоѓа во самица“, рече Кине, и додаде дека до Воениот суд испратила барање за пуштање на нејзината клиентка од самица.
Армијата на Мјанмар на 1 февруари оваа година изврши државен удар и ја презеде власта во земјата под изговор дека изборите во ноември минатата година биле нерегуларни.
Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, меѓу кои и лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи.
На 6 февруари започнаа масовни протести против воениот удар. Во интервенциите на војската животот го загубија над 770 демонстранти, а неколку илјади се уапсени. Според податоците на Здружението за помош на политички затвореници (AAPP), во текот на антипучистичките протести во Мјанмар уапсени се и најмалку 48 новинари.
Обединетите нации, Европската Унија и голем број земји, како Турција, Соединетите Американски Држави (САД), Канада и Велика Британија најостро го осудија воениот удар во Мјанмар.