РЕЈКЈАВИК (АА) - Муслиманите што живеат во Исланд, островска земја во Атлантскиот Океан, држат најдолг пост во светиот месец Рамазан, бидејќи периодот на постот е околу 22 часа, јавува Anadolu Agency (AA).
Ифтарот во оваа земја каде што живеат околу 1.500 муслимани, е речиси на полноќ. Времето на имсакот во оваа земја е околу 2 часот по локално време, а постот на верниците трае околу 22 часа. Но муслиманите не се жалат за овие услови.
Џамиите во главниот град на земјата, Рејкјавик, со започнувањето на месецот на постот, Рамазан, се претвораат во места каде што се организираат ифтари. Верниците кои за ифтар се собираат во Исландската исламска фондација, која истовремено се користи и како џамија, по езанот (повик за молитва) во 23:48 часот пијат вода, и веднаш потоа ја клањаат вечерната молитва.
По завршувањето на молитвата, верниците преминуваат на ифтарската софра што заедно ја подготвиле. Муслиманите од различни земји, оние кои со години живеат во Исланд како и новодојдените бегалци, заедно јадат ифтар. Ифтарот придружен со предавања, не само што ја заситува гладта, туку ја храни и душата на муслиманите кои се далеку од своите земји.
- „Првите три дена им е тешко, но потоа се враќаат во нормала“
„Колку и да е времето на постот долго, муслиманите не го чувствуваат бидејќи верниците секогаш се собираат заедно, бидејќи тука сме како едно семејство. Преку денот доаѓаат тука. Читаат Куран, вршат обреди, ги подготвуваат јадењата. Не го ни мислам времето на ифтарот. Првите три дена им е тешко, потоа се враќаат во нормала“, истакнува имамот со мароканско потекло, Абдулазиз Увлани.
- „Постот е мошне долг, трае околу 22 часа“
„Ако го споредуваме со мојата земја, постот е мошне долг, трае околу 22 часа. Времето е убаво. Моментално е мошне добро, си уживаме“, вели еден студент од Пакистан, Фуркан Кан.
Од друга страна, 32-годишниот Пакистанец, Имран Хусеин, кој веќе четири години живее во Исланд, рече: „Периодот на постот е многу долг, околу 22-23 часа. Иако е долг, ни се допадна. Ова е мој четврти Рамазан во земјата“.
„Оваа година ми е првиот Рамазан. Малку се мачев бидејќи ми е првиот Рамазан. Но во наредните години ќе треба да се навикнам на долгото време“, нагласи 24-годишниот бегалец од Пакистан, Заин Насем.
- „Овој Рамазан за мене беше најдобар“
„Овој Рамазан за мене беше најдобар. Цел дел постиме, а ноќе се молиме. Посакуваме Аллах да го прифати нашиот пост“, вели Пакистанецот Мухамед Азиз, кој е новодојденец во Исланд.
Енес Ибрахимовиќ од Србија, кој веќе 15 месеци живее во Исланд, вели дека чекајќи го времето за ифтар, понекогаш седи дома, понекогаш оди во џамија. „Како секогаш, клањаме намаз, читаме Куран, фала му на Бога, многу добро ни оди. Го поминувам времето до ифтар“, истакна Ибрахимовиќ.
Либанецот Имад Eт-Турк во Исланд дошол како бегалец, и се жалеше дека светиот месец Рамазан не се чувствува, освен во џамиите. „Само во оваа џамија го чувствуваме месецот на постот, Рамазан. За жал, надвор нема ниту едно место каде што можеме да го почувствуваме светиот месец Рамазан“, нагласи Eт-Турк.
- Во земјата живеат околу 1.500 муслимани, од кои 80 се Турци
Исланд е една од земјите каде што живеат најмалку муслимани. Тоа е земја со 330.000 жители, а 0,5 отсто од жителите се муслимани, односно 1.500 лица. Мнозинството од муслиманите кои живеат во земјата се бегалци.
Исто така, Исланд е една од земјите каде што живеат најмалку Турци. Според Министерството за надворешни работи, во оваа островска земја живеат околу 80 турски државјани.
Исланѓаните преку трговијата на Викинзите, со муслиманите стапиле во контакт во Средниот век. Откако во годините на почетокот од 11 век станале христијани, почнале да патуваат во Ерусалим, и затоа имале повеќе интеракција со муслиманите.