Nuri Aydın
11 Октомври 2022•Ажурирај: 12 Октомври 2022
ЊУЈОРК (АА) - Постојаниот претставник на Украина во Обединетите нации (ОН), Сергиј Кислицја, рече дека Русија уште еднаш докажала дека е терористичка држава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кислицја се обрати на Генералното собрание на ОН на кое се разговараше за руската анексија на одредени украински региони.
Тој нагласи дека ги осудува вчерашните напади на руските сили во кои загинаа 19, а повредени беа 105 лица.
„Целиот свет уште еднаш го откри вистинското лице на терористичката држава која го убива нашиот народ“, додаде тој.
Според него, нишанењето со умисла кон цивили е воено злосторство.
„Преку лансирање проектили врз лицата кои спијат во своите домови и кои се на пат кон работа или училиште, Русија уште еднаш докажа дека е терористичка држава“, рече тој.
Кислицја истакна дека руската анексија претставува егзистенцијална закана за ОН, упатувајќи апел до меѓународната заедница да се заштити Уставот на ОН.
Тврдејќи дека ОН се во положба на задржување или губење на својот кредибилитет, Кислицја додаде: „Кога руската делегација во ОН влезе во Генералното собрание, зад себе оставија траги од крв и целата сала се исполни со мирис од крв.“
Од друга страна, постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја, рече дека овој состанок е премногу политизиран, тврдејќи дека овие тврдења се направени со цел да се зајакне антируската реторика.
Небензја го обвини НАТО за разгорување на конфликтот, нагласувајќи дека Русија всушност се соочува со НАТО во Украина и дека Украина станала поле за тестирање на оружјето на НАТО.
Во Генералното собрание на ОН оваа недела се очекува да се разговара за нацрт-резолуцијата во врска со анексијата на одредени украински региони.
Барањето на Русија да се реализира тајно гласање во Генералното собрание беше одбиено со мнозинство гласови.