Ekip
06 Септември 2019•Ажурирај: 07 Септември 2019
ХАРАРЕ (AA) - Роберт Мугабе, поранешниот претседател на Зимбабве, почина во болница во Сингапур во 95. година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со голема жалост објавуваме дека почина основачот на Зимбабве и поранешниот претседател Роберт Мугабе“, објави на Твитер утрово Емерсон Мнангагва, актуелниот претседател на Зимбабве.
Поранешниот герилски лидер кој премина во политиката, дојде на власт на изборите во 1980 година. Беше премиер од 1980 до 1987 година, а потоа претседател од 1987 до 2017 година.
„Мугабе беше икона на ослободувањето, панафриканист, кој својот живот го посвети на еманципацијата и јакнењето на својот народ. Неговиот придонес за историјата на нашиот народ и континентот никогаш нема да бидат заборавени. Нека му почива душата во вечен мир“, рече Мнангагва.
Мугабе е роден на 21 февруари во 1924 година во тогашната Родезија во Кутама, северозападно од Хараре, а студираше на Универзитетот во Форт Харе во Јужна Африка. Се врати во Родезија, каде што поради националистичките активности, од 1964 година над десет години помина во логори и затвори.
Родезија од 1965 до 1979 година беше непризнаена држава на југот на Африка, а ја опфаќаше територијата на денешно Зимбабве.