İlkay Güder
11 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
БРИСЕЛ (АА) - ИЛКАЈ ЃУДЕР -
Самитот на НАТО кој почнува денес ќе биде сцена на многу нешта што се случуваат за првпат, јавува Anadolu Agency (AA).
Самитот „Состанок на претседатели и премиери на земји членки на НАТО“ за првпат ќе се одржи во новото седиште во Брисел.
Првиот претседател на Турција во новиот претседателски систем на уредување, Реџеп Таип Ердоган, по инаугурацијата и составувањето на Претседателскиот кабинет, за првпат ќе учествува на еден меѓународен самит.
Некои имиња од Кабинетот на претседателот Ердоган, за првпат ќе бидат дел од самит на НАТО.
Поранешниот началник на Генералштабот на Армијата на Турција, Хулуси Акар, за првпат ќе биде на еден меѓународен самит во улога на министер за одбрана. Претходно Акар на самитот на НАТО учествуваше како началник на Генералштабот.
Министерот за трезор и финансии, Берат Албајрак, исто така, за првпат ќе учествува на самит на НАТО.
- Ѓулер за првпат учествува како началник на Генералштаб -
Поранешниот командант на копнените сили, Јашар Ѓулер, за првпат на самит на НАТО ќе учествува во улога на началник на Генералштабот на Турската армија, како дел од делегацијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Во рамките на самитот, претседателот Ердоган и некои преставници од неговиот претседателски кабинет ќе одржат средби со учесниците на „Состанокот на претседатели и премиери на земји членки на НАТО“, а ќе имаат и тет-а-тет средби.
Покрај тоа, се очекува на средбите претседателот Ердоган да го придружуваат министерот за одбрана, Акар, началникот на Генералштабот, Ѓулер, министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и министерот за трезор и финасии, Албајрак.
- Претседателот Ердоган ќе се сретне со американскиот претседател Трамп -
Во рамките на самитот се очекува претседателот Ердоган да одржи тет-а-тет средби со американскиот претседател Доналд Трамп, претседателот на Франција, Емануел Макрон, британската премиерка Тереза Меј и со други лидери на земји членки на НАТО.
На средбите се очекува да се разгледаат темите како што се поддршката што некои земји членки на НАТО им ја даваат на ЈПГ, огранок на терористичката организација ПКК во Сирија и ракетниот одбранбен систем „S-400“ што Турција го купи од Русија.
Од друга страна, се очекува претседателот Ердоган да има одделни тет-а-тет средби со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
- Ќе биде претставен лет на борбениот хеликоптер „Атак“ -
Денеска на Самитот на НАТО ќе биде прикажан лет на 20 воени хеликоптери, меѓу кои е и еден турски хеликоптер.
На Самитот во Брисел пристигнаа 29 лидери на земјите членки на НАТО со цел донесување важни одлуки за иднината на Алијансата. Презентацијата и летовите на сојузничките воени хеликоптери се закажани за попладневните часови.
На презентацијата на која ќе бидат претставени 20 хеликоптери на САД, Белгија, Франција, Германија, Данска, Унгарија, Италија, Полска, Романија, Словенија и Чешка, Турција ќе учествува со два хеликоптери „Т129 Атак“.