Sinan Doğan
12 Март 2024•Ажурирај: 13 Март 2024
БОГОТА (АА) - Премиерот на Хаити, Ариел Хенри, синоќа поднесе оставка поради зголемените насилни инциденти што ги спроведува озлогласената банда во земјата, која веќе неколкупати принуди општите избори да бидат откажани, јавува Анадолу.
„Ја прифаќаме неговата оставка по формирањето на преоден претседателски совет и именување привремен премиер“, истакна Мухамед Ирфан Али, претседател на Гвајана и актуелен претседател на Карипската заедница (КАРИКОМ).
Шефовите на држави од 25 земји членки на КАРИКОМ се состанаа во Кингстон, Јамајка, на вонреден состанок на кој разговараа за безбедносната криза на Хаити.
По состанокот, 74-годишниот премиер Хенри, кој од безбедносни причини се наоѓа во Порторико од 5 март, го извести КАРИКОМ за својата одлука да поднесе оставка.
Во меѓувреме, припадници на бандата се обидоа да упаднат во две полициски станици и во Министерството за внатрешни работи, но беа одбиени од полицијата, јавуваат локалните медиуми.
Водачот на бандата Џими Шеризиер, познат и како „Скара“, чии акции резултираа со бегство на илјадници затвореници од различни затвори, на 6 март предупреди дека ако премиерот Хенри не поднесе оставка „Или Хаити ќе стане рај за сите нас или пекол за сите нас“.
Вооружените банди што бараа оставка на Хенри се судрија со безбедносните сили на 2 и 3 март, извршувајќи вооружени напади врз два затвора низ земјата. Речиси 4.000 затвореници избегаа за време на судирите, а 12 лица беа убиени.
На 4 март Владата прогласи 72-часовна вонредна состојба за фаќање на избеганите затвореници и објави полициски час што ќе се спроведува во одредени часови.
Бандата на Шеризиер неколкупати се обиде да ја преземе контролата врз аеродромот во главниот град за да го спречи Хенри да се врати во земјата.
За време на нападите на бандите, Хенри беше во Најроби каде што планираше распоредување на мултинационални безбедносни сили предводени од Кенија на Хаити.
Вонредната состојба прогласена на 4 март за апсење на избеганите затвореници беше продолжена за еден месец на 7 март.