Beyza Binnur Dönmez
10 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, вчера потпиша закон со кој на граѓаните им се дозволува употреба на оружје за време на војната.
„Законот за обезбедување учество на цивили во одбраната на Украина ја регулира „постапката за издавање и враќање на огнено оружје и муниција на цивилите за заштита на земјата за време на војната и пропишува дека цивилите не се одговорни за употребата на огнено оружје против лицата кои вршат вооружена агресија врз Украина“, се вели во соопштението на украинскиот Парламент, Врховната рада.
Дополнително, украинските граѓани имаат можност да учествуваат во одбивањето и одвраќањето на вооружената агресија од страна на Руската Федерација или од други земји користејќи сопствено оружје.
Законот беше изгласан во Парламентот минатиот четврток.
Најмалку 516 цивили загинаа и 908 се повредени во Украина откако Русија започна војна против својот сосед, според податоците на ОН, а има стравувања дека реалната бројка е повисока.
Повеќе од 2,1 милион луѓе избегаа од Украина во соседните земји, според Агенцијата на ОН за бегалци.