Русија пријави пожар на аеродром во Саратов по украински напад со беспилотни летала
Руското Министерство за одбрана тврди дека руската противвоздушна одбрана соборила 132 украински беспилотни летала во повеќе региони низ земјата, од кои 54 биле пресретнати над Саратов

ИСТАНБУЛ (АА) – Русија денес соопшти дека избувнал пожар на аеродром во регионот Саратов по украински напад со беспилотни летала во текот на ноќта, јавува Анадолу.
Во соопштението на руското Министерство за одбрана се тврди дека руската противвоздушна одбрана соборила 132 украински беспилотни летала во повеќе региони низ земјата, од кои 54 биле пресретнати над Саратов.
Гувернерот на Саратов, Роман Бусаргин, на Телеграм изјави дека нападот предизвикал пожар на аеродромот во градот Енгелс, кој се наоѓа на околу 470 километри од украинската граница.
Овој град е дом на воена воздушна база каде што се сместени руските стратешки бомбардери „Туполев Ту-160“, кои се способни за нуклеарни напади.
Бусаргин истакна дека жителите во близина на аеродромот биле евакуирани од безбедносни причини и дека сите итни служби се на терен, нарекувајќи го нападот „најмасовен напад со беспилотни летала досега“.
Тој додаде дека околу 30 куќи, една клиничка болница, како и две градинки и едно училиште биле оштетени во нападот.
Украинските власти сè уште немаат коментар за нападот.