свет

Приведен отповиканиот јужнокорејски претседател Јун

Налогот за притвор беше спроведен во 10:33 часот по локално време од страна на Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери

Riyaz Khaliq Khaliq  | 15.01.2025 - Обновена : 15.01.2025
Приведен отповиканиот јужнокорејски претседател Јун

ВАШИНГТОН / ИСТАНБУЛ (АА) - Отповиканиот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол е приведен синоќа од полицијата во втор обид и е на сослушување, што претставува прво приведување во историјата на актуелен лидер на земјата, јавува Анадолу.

Јун (63) беше приведен 43 дена по шокирањето на нацијата на 3 декември со воведувањето воена состојба, која беше поништена откако Парламентот ја поништи неговата одлука за неколку часа.

Тој е обвинет за бунт и предавство, а Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери се очекува „да побара налог за формално апсење во рок од 48 часа“, објави сеулскиот „Јонхап њуз“.

Инспекторите го приведоа отповикуваниот претседател во неговата резиденција во главниот град Сеул.

Налогот за притвор беше спроведен во 10:33 часот по локално време од страна на Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери.

Тој набрзо беше однесен во канцеларијата во Гвачеон, јужно од главниот град Сеул, а формалното испрашување, во присуство на адвокатите на Јун, започна во 11:00 часот по локално време.

Се очекува властите да го притворат Јун во притворниот центар во Сеул во Ујванг, по сослушувањето.

Додека траеше испрашувањето, Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери рече дека Јун одбил да сведочи за објавувањето воена состојба.

- Драматичен пресврт на настаните -

Притворањето на Јун е проследено со драматични случувања од почетокот на овој месец кога претседателската служба за безбедност ги блокираше истражителите да го приведат лидерот.

Тоа е првпат во историјата на Јужна Кореја судот да издаде налог за приведување на актуелен претседател.

Тој, исто така, се соочува со забрана за патување, прва во историјата на земјата против актуелен претседател.

Обидот на 3 јануари да се приведе Јун резултираше во петчасовен судир меѓу владините агенции, а подоцна инспекторите се вратија со празни раце.

Сепак, Канцеларијата за истраги за корупција за високи функционери обезбеди продолжување на налогот за до 21 јануари и формираше заедничко тело со полицијата за извршување на налогот.

Околу 3.200 полицајци беа мобилизирани за да обезбедат пристап до претседателскиот комплекс кој се наоѓа во подножјето на планината Маебонг.

Како што се очекуваше, заедничкиот тим на истражители започна рација пред зори во резиденцијата на Јун, во која имаше физички судир бидејќи претседателското обезбедување првично го блокираше влезот на тимот за приведување.

Најмалку едно лице е хоспитализирано поради повреда.

- Попуштање за да „избегне крвопролевање“ -

По рацијата од околу седум часа, истражителите го приведоа Јун, кој објави и видеопорака, нарекувајќи го неговото приведување „незаконско“.

„Ова е за да се избегне крвопролевање“, рече Јун пред да ја напушти својата резиденција.

Многумина предупредија на физички судир меѓу претседателското обезбедување и заедничкиот тим истражители за време на вториот обид за приведување.

„За да спречам несреќен и насилен инцидент, решив да се појавам пред Канцеларијата за истраги за корупција, иако верувам дека истрагата е незаконска“, рече Јун.

Додека некои се обидоа да го блокираат апсењето на Јун, стотици други го поддржаа предлогот на Парламентот за отповикување, во кој 204 од вкупно 300 пратеници гласаа за смена на Јун на 14 декември.

Оттогаш, Јун останува суспендиран од функцијата и се соочува со судење во Уставниот суд, кој има рок до шест месеци да одлучи за импичментот на Парламентот.

Тој одби да присуствува на првото задолжително усно судење во вторникот, стравувајќи од приведување.

Претходно, судот во Сеул издаде налог за негово приведување, откако Јун веќе одби да прифати три покани од истражителите.

Ако највисокиот суд одлучи против предлогот на Парламентот, Јун брзо ќе биде вратен на функцијата.

Меѓутоа, ако барањето за импичмент биде потврдено, Јун ќе биде сменет, а претседателските избори треба да се одржат во рок од два месеци од датумот кога Уставниот суд ќе ја објави својата пресуда.

Со државните работи, во отсуство на Јун, раководи вршител на должноста претседател од неговиот Кабинет.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.