Ekipa
19 Февруари 2025•Ажурирај: 20 Февруари 2025
ПОЈАС ГАЗА (АА) – Пристаништето во Газа, коja беше цел на израелски напади повеќе од 16 месеци, е значително уништено, напуштено и празно, јавува Анадолу.
Воздушните снимки направени денес ја открија големата штета направена на пристаништето во израелските воздушни напади врз блокираната енклава.
Лоцирано во близина на дистриктот Римал, пристаништето е значително уништено, заедно со пристанишните објекти и блиските крајбрежни згради.
На пристаништето можат да се забележат мал број уништени рибарски чамци.
Договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 19 јануари, со што се запре израелската војна која предизвика огромно разорување и ја остави палестинската енклава во урнатини.
И покрај прекинот на огнот, локалните власти во Газа јавуваа речиси секојдневно за прекршување на прекинот на огнот од страна на израелската војска.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Јоав Галант, за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.