İslam Doğru
14 Јуни 2019•Ажурирај: 16 Јуни 2019
ЊУЈОРК (АА) – Крег Хикс, од американската држава Северна Каролина, кој уби тројца муслимани во 2015 година, е осуден на доживотен затвор, а одговорните лица за прв пат јасно кажаа дека причината за убиствата била директно исламофобијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Хикс беше осуден на доживотен затвор во средата, по четиригодишен правен процес во САД. Одговорните лица за прв пат објавија дека Хикс ги извршил убиствата со исламофобична мотивација.
Шефот на полицијата на градот Чапел Хил од државата Северна Каролина, Крис Блуе, во писмената изјава на интернет, беше принуден да признае дека убиствата се извршени поради „омраза“, а не поради караница за паркинг.
Полицијата, пред 4 години, врз основа на првата изјава на осомничениот соопшти дека убиствата биле извршени поради караница за паркирање. Властите во земјата, локалните и националните медиуми во своите вести како причина за убиствата ја истакнаа караницата за паркинг.
- „Жалиме за семејствата“
Шефот на полицијата, Блу, во изјавата истакна дека жалат за тоа дека во 4-годишниот процес во судот, не им ја кажале вистината на семејствата на младите.
„Човекот што ги изврши убиствата, се разбира, тоа го направи со омраза во срцето. Убиствата се извршени од страна на лице кое јасно одлучило да не ја види добрината и човечноста во младите луѓе. Ние жалиме за семејствата Абу Салха и Баракат, за болката што дополнително ја додадовме со нашите изјави во текот на овие 4 години“, рече Блу.
- „Неговата омраза кон исламот го натера да убие тројца невини луѓе“
Окружниот обвинител на Дурхам, Сатана Дебери, во својата изјава истакна дека кривичното дело не е сторено поради „караницата за паркирање“, како што соопшти полицијата во првите изјави.
„Омразата на Хикс кон исламот го натера да убие тројца невини луѓе“, рече обвинителот Дебери.
- „Деах, Јусор и Разан умреа затоа што се муслимани“
„Деах, Јусор и Разан беа убиени поради исламофобија“, истакна Сузан Баракат, сестра на Деах Баракат? Барака, на сослушувањето во судот во средата.
„Крег Хикс провали во нивните домови, каде што се безбедни, и ги уби бидејќи не му се допаднале нивните ставови. Деах, Јусор и Разан умреа затоа што се муслимани“, нагласи Сузан Баракат.
Фарис Баракат, братот на Деах, обраќајќи се до медиумите кои го следеа настанот рече: „Сакам медиумите да разберат дека денес се работи за правда.“
- Убиството на тројцата млади муслимани
На 10 февруари 2015 година, 23-годишниот стоматолог Деах Баракат, неговата сопруга, 21-годишната Јусор Мухамед Ебу Салха, и сестрата на неговата сопруга, 19-годишната Разан Мохамед Абу Салха, беа убиени во нивниот дом во Чапел Хил, Северна Каролина.
Крег Хикс, нивниот сосед убиец, на социјалните медиуми себеси се опишувал како „атеист“ и користел антирелигиозна реторика. Тоа пак, доведе до контраверзии дека убиствата се извршени поради тоа што убиените се со муслимански идентитет.
Докторот Мухамед Ебу Салха, татко на убиените девојки, рече: „Ако еден муслиман ѕвони на врата и без никаква провокација убие христијанско семејство, тоа ќе се нарече тероризам. Но, ние муслиманите сме лесни цели.“