свет

Продолжуваат израелските напади врз Газа, а неексплодираните бомби се дополнителна закана за цивилите

Од почетокот на нападите на Израел врз Газа на 7 октомври 2023 година убиени и ранети се илјадници луѓе, а тони неексплодирана муниција претставуваат постојана закана за животите на жителите

Ekip  | 18.03.2025 - Обновена : 18.03.2025
Продолжуваат израелските напади врз Газа, а неексплодираните бомби се дополнителна закана за цивилите

ГАЗА (АА) - Израелските напади врз Газа продолжуваат со несмалено темпо, а неексплодираните бомби фрлени врз цивилни области сè уште одземаат животи и оставаат трајни последици на Палестинците, јавува Анадолу.

Од почетокот на нападите на Израел врз Газа на 7 октомври 2023 година убиени и ранети се илјадници луѓе, а тони неексплодирана муниција претставуваат постојана закана за животите на жителите.

Според здравствени извори, поради експлозиите на остатоци од воени бомби и проектили има голем број смртни случаи и повредени лица во различни делови на Газа.

Офицерот Билал ал-Мабух од Одделот за експлозивни материјали на полицијата е една од жртвите од овие остатоци од војната.

Додека бил на должност во Џабалија, северно од Газа, го изгубил видот откако бил детониран експлозивен уред, при што шрапнели му ги повредиле лицето, очите и телото.

Ал-Мабух изјави дека неговата единица секојдневно добива десетици пријави за неексплодирани гранати и предмети на улиците и во домовите на луѓето.

Се потсети дека на 5 март тој и неговиот тим отишле да го истражат местото на експлозија на улицата Мезаја, источно од Џабалија, каде што биле повредени три деца.

„Додека слушавме сведоштва од очевидци и ја испитувавме областа, ненадејно се случи експлозија и се најдов на земја, крвавев. Во таа несреќа го изгубив едното око“, рече Ал-Мабух.

Тој нагласи дека израелската армија користи разновидни израелско-американски експлозивни средства што се непознати за експертите во Газа.

Ал-Мабух истакна дека остатоците од муниција се собираат во специјален магацин во северна Газа, но со булдожери израелската армија го урнала за време на копнените операции во Џабалија. Тој вели дека за време на нападот ги загубиле и малкуте едноставни алатки со кои располагале за работа.

Исто така, додаде дека персоналот од Одделот за експлозивни материјали работи без никаква заштитна опрема бидејќи Израел го спречува влегувањето на специјализирана опрема или материјали во Газа.

„Иако знаеме дека можеби нема да се вратиме, секој ден одиме на работа бидејќи сме одговорни за заштитата на цивилите“, изјави Ал-Мабух.

Полковникот Мухамед ал-Зарка, портпарол на Полициските сили во Газа, процени дека во различни региони на Газа има над 30.000 остатоци од експлозив од војната.

„Тие се како темпирани бомби. За да се елиминира опасноста што ја претставуваат, потребни се огромни ресурси. Ова е невозможно со нашите скромни можности. Исто така, потребни ни се голем број обучени лица, а пред сè мора да се расчистат урнатините. Засега се обидуваме да ги држиме луѓето подалеку од опасните области“, рече Ал-Зарка.

Утринава израелската армија соопшти дека извршила воздушни напади врз Појасот Газа, најголеми од стапувањето на сила на прекинот на огнот со палестинската група Хамас на 19 јануари.

Локалните власти во Газа соопштија дека во рок од само пет часа во израелските напади се убиени или исчезнати над 326 Палестинци низ целата територија откако Израел го прекрши двомесечниот прекин на огнот и ја обнови војната.

Во израелските напади, кои започнаа од октомври 2023 година, убиени се над 48.500 Палестинци, повеќето жени и деца, а Газа ја оставија во урнатини.

Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.