Ekipa
03 Јуни 2018•Ажурирај: 04 Јуни 2018
АМАН (АА) - Неколку илјади демонстранти протестираа синоќа низ улиците на Аман барајќи оставка на владата на јорданскиот премиер Ахи ал-Мулки, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите се собраа пред седиштето на Владата на Јордан и протестираа поради зголемувањето на цените и најавеното воведување на дополнителни даноци за сите вработени чиј годишен приход го надминува прагот од 8.000 динари (11.200 долари).
Парламентот на Јордан кон крајот на минатата недела го усвои планот на Владата за воведување дополнителни даноци на платите и тврди дека тоа на државната каса ќе ѝ донесе нови 140 милиони долари.
Јавноста во Јордан е незадоволна од воведувањето на новите мерки за штедење на Владата, зад кои, според демонстрантите, стои Меѓународниот монетарен фонд.
Под мотото „Народот сака оставка на Владата“ синоќешните протести поминаа со зајакнати безбедносни мерки, а во неколку наврати дојде и до тензии помеѓу полицијата и демонстрантите.
Протести синоќа се одржаа и во уште неколку јордански градови, а јорданскиот крал Абдула ја повика Владата и Парламентот да преговараат со демонстрантите и да постигнат договор кој ќе спречи ескалација на немирите во земјата.