Протести низ САД против обновените израелски напади во Газа
Некои носеа транспаренти со натписи „Престанете со американската помош за Израел“, „Слобода за Палестина“, „Ослободете го Махмуд Халил“ и „Американските бомби ги принудуваат лекарите во Газа да вршат ампутации без анестезија“

ВАШИНГТОН (АА) – Пропалестински демонстранти вчера се собраа пред Белата куќа за да протестираат против обновените напади на Израел врз Газа и да повикаат на прекин на американската воена помош за Израел, јавува Анадолу.
Со кефии на главите и палестински знамиња во рацете, тие извикуваа „Ембарго на оружјето сега!“ и „Крај на окупацијата сега!“ барајќи акција од администрацијата на Трамп.
Некои носеа транспаренти со натписи „Престанете со американската помош за Израел“, „Слобода за Палестина“, „Ослободете го Махмуд Халил“ и „Американските бомби ги принудуваат лекарите во Газа да вршат ампутации без анестезија“.
Освен во Вашингтон, протести се одржаа и во други американски градови како Сан Франциско, Минеаполис, Њујорк, Чикаго и други.
Израелската Армија вчера изутрина го бомбардираше Појасот Газа, при што се убиени повеќе од 400 лица, а стотици други беа повредени, кршејќи го договорениот прекин на огнот со палестинската група на отпорот Хамас што стапи на сила на 19 јануари, според Министерството за здравство на Палестина.
Фотографиите од Газа покажуваат дека повеќето жртви се цивили, меѓу кои има и жени и деца, чии домови биле разурнати во нападите.
Повеќе од 48.500 Палестинци, претежно жени и деца, се убиени, а над 112.000 се повредени во бруталната воена офанзива на Израел врз Газа од октомври 2023 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.