Elena Teslova
28 Април 2023•Ажурирај: 03 Мај 2023
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денес ја задолжи својата влада да подготви предлози за развој на индустријата за беспилотни летала во земјата, јавува Анадолу.
Говорејќи на состанок во Москва, Путин рече дека целта на тоа е да се зајакне безбедноста и економската виталност во земјата, истакнувајќи ја „клучната важност“ на индустријата за беспилотни летала во многу сектори.
„Уште поважно, примената на беспилотните летала е едноставно безгранична - не можам да се сетам на ниту еден аспект од општеството или економијата каде што не можат да се користат беспилотните летала (дроновите)“, рече тој.
Путин ги повика официјалните претставници да ги анализираат можните пречки, да ги отстранат бариерите со цел забрзување на развојот на индустријата и да создадат јасни и транспарентни правила за производство и користење на дроновите.
Тој нагласи дека не е важно само производството на беспилотните летала, туку и создавањето инфраструктура за нивна употреба.
„Успехот постигнат на ова поле ќе значи квалитативна промена во нашата економија и квалитативни промени во животот на нашиот народ, силно, самоуверено движење напред на целата земја - тоа претставува развојот на беспилотната авијација“, порача рускиот претседател.