Emre Gürkan Abay
06 Март 2019•Ажурирај: 08 Март 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, критикувајќи го повлекувањето на Соединетите Американски Држави (САД) од Договорот за нуклеарни сили со краток и среден дострел (INF), рече: „САД со повлекувањето од ИНФ направија директен чекор за разнишување на целиот систем обезбеден со меѓународните договори“, јавува Anadolu Agency (AA).
Путин говореше на состанокот на Одборот на директори на руската Федерална служба за безбедност (FSB), одржан во главниот град, Москва.
„Странски разузнавачки служби се обидуваат да ги зголемат активностите во Русија“, истакна Путин, и додаде: „Странски разузнавачки служби прават сè што е можно за да стигнат до политичките, економските, научните и технолошките информации во Русија. Против тие иницијативи треба да се бориме ефикасно со современи методи.“
Путин, оценувајќи ја одлуката на САД да се повлечат од ИНФ, рече:
„САД со повлекувањето од ИНФ направија директен чекор за разнишување на целиот систем обезбеден со меѓународните договори. Тој чекор негативно го менува тековното работење на земјите. Поради тоа, вклучувајќи ги и вработените во Федералната служба за безбедност (FSB), очекувам од сите единици задачите да ги решат на брз и ефикасен начин.“
На почетокот на минатиот месец, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изјави дека неговата земја еднострано ќе се повлече од Договорот за нуклеарни сили со краток и среден дострел (INF), што го потпиша со Сојузот на Советските Социјалистички Републики (СССР) во 1987 година, кој предвидува забрана на проектили со нуклеарни глави со дострел од 500 до 5.500 километри.
Путин, на почетокот на оваа недела, потпиша декрет за напуштање на Договорот за ИНФ.