Ali Cura
30 Декември 2021•Ажурирај: 31 Декември 2021
МОСКВА
Рускиот претседател Владимир Путин го повика американскиот претседател Џо Бајден да воспостави конструктивна соработка меѓу нивните земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Кремљ, Путин во својата новогодишна порака која ја упати до Бајден истакна дека Русија и САД се земји кои носат посебна одговорност за регионалната и меѓународната стабилност.
Путин нагласи дека двете земји можат и треба да воспостават конструктивна соработка пред многу закани со кои се соочува човештвото.
„Верувам дека можеме да продолжиме да ги спроведуваме нашите договори постигнати во јуни на Самитот во Женева, засновани на заемно почитување и земајќи ги предвид националните интереси на двете земји. Уверен сум дека можеме да воспоставиме ефективен руско-американски дијалог“, рече тој.
- Дискусиите за гарантирање на безбедноста ќе се одржат во Женева на 10 јануари
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во својот неделен брифинг истакна дека на 10 јануари во Женева, Швајцарија, делегациите на Русија и САД треба да се сретнат за безбедносните гаранции.
Захарова истакна дека со руската делегација ќе претседава рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, а со американската делегација ќе претседава заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман, и рече дека нема алтернатива за наведениот датум.
Според неа, ќе се разговара за два нацрти за безбедносните гаранции дадени од Русија до САД.
„За време на разговорите ќе се дискутира за напредувањето на НАТО кон исток и ќе побараме да се обезбедат силни правни заштитни мерки за вооружените системи кои се закануваат на Русија да не се распоредуваат на нашите граници“, додаде таа.
Покрај тоа, Захарова нагласи дека нема заеднички став во ЕУ и НАТО за предлозите на руските безбедносни гаранции.