Mahmut Geldi
30 Декември 2021•Ажурирај: 30 Декември 2021
ИСТАНБУЛ
Кралот на Саудиска Арабија, Салман бин Абдулазиз ал Сауд, изјави дека со длабока загриженост ја следат политиката на иранскиот режим, со која, како што рече, се поткопува довербата и стабилноста во регионот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што наведува саудиската новинска агенција СПА, кралот Салман во обраќањето по повод почетокот на работата на Советот на Шура, Советодавниот совет на земјата, зборуваше за главните внатрешни прашања и надворешната политика на Саудиска Арабија.
Тој рече дека Саудиска Арабија придава посебно значење на зачувувањето на Советот за соработка во Заливот (GCC), додавајќи дека најдобар показател за тоа е повторното обединување со Катар на 41. Самит на Советот за соработка во Заливот, одржан на 5 јануари 2021 година.
Тој, исто така, нагласи дека палестинската борба е на врвот на надворешнополитичките приоритети на Саудиска Арабија.
Тој ги искоментира и иранските постапки во регионот.
„Иран е соседна земја и се надеваме дека ќе ја промени својата политика и негативните дејствија во регионот и ќе тргнеме кон дијалог и соработка. Со длабока загриженост ја следиме политиката на иранскиот режим, кој ја поткопува довербата и стабилноста во регионот. Иранскиот режим формира и потоа ги поддржува секташките вооружени милитантни групи, ги води воените операции во земјите на регионот и така систематски ја шири својата моќ“, изјави кралот Салман.
Кралот Салман изјави дека Владата во Техеран не соработува доволно со меѓународната заедница за развојот на нуклеарната програма и балистичките ракети.
Истакнувајќи дека ги поддржуваат сите напори насочени кон политичко решение кое гарантира единство на земјата во Сирија и Либија, кралот Салман додаде дека внимателно ги следат настаните во Авганистан.