Gamze Türkoğlu Oğuz
03 Ноември 2018•Ажурирај: 04 Ноември 2018
СЕУЛ (АА) - Северна Кореја предупреди дека би можела повторно да ја заживее државната политика насочена кон јакнење на нуклеарниот арсенал, доколку САД не ги укинат економските санкции против оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја соопшти дека Пјонгјанг би можел да ја врати својата политика на истовремено напредување на нуклеарна сила и економски развој, доколку САД не го променат својот став.
Во соопштението на Министерството што е објавено во име на директорот на Институтот за американски студии, се наведува дека „подобрување на односите и санкции се неспоиви“.
„САД сметаат дека честото повторување на санкции и притисоци водат до денуклеаризација. Невозможно е да не се насмеете на таква глупава идеја“, се порачува во соопштението.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, на 27 април се состанаа во демилитаризираната зона Панмунџом. На крајот на Самитот, соопштено е постигнување договор за почеток на преговори за потполна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и претворање на моменталното примирје во траен мир.
Мун и Ким повторно се состанаа на 26 мај, кога разговараа за мировниот процес меѓу двете земји.
Лидерите на Северна и Јужна Кореја по третпат се сретнаа во септември, по што е објавен заеднички документ со кој е ветено дека ќе бидат продолжени заедничките напори за постигнување мир меѓу двете земји.
Истовремено е речено дека доколку САД ги преземат потребните чекори, Северна Кореја ќе преземе повеќе чекори кога станува збор за денуклеаризација на полуостровот.
Во заедничкиот документ се наведува дека Северна и Јужна Кореја ќе продолжат заеднички да настапуваат на спортските натпреварувања и дека заедно ќе работат за да бидат домаќини на Летните олимписки игри 2032 година.