Eşref Musa,Burak Karacaoğlu,Levent Tok
26 Мај 2019•Ажурирај: 28 Мај 2019
ИДЛИБ
Силите на режимот на Асад, синоќа, подрачјето на зоната за деескалација на судирите во Идлиб го бомбардираа со гранати со „бел фосфор“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од локални извори, режимот на Асад синоќа со бомби со бел фосфор ги гранатираше местото Хан Шејхун и селото Абидин, јужно од градот Идлиб.
По бомбардирањето избувнаа пожари на земјоделсите посеви во околината на местото Хан Шејхун и селото Абидин.
Споменатите пожари сѐ уште не се ставени под контрола, при што десетици хектари обработливо земјиште изгореа без да се собере посевот.
На социјалните мрежи се објавени видеоснимки на кои јасно се гледа белиот фосфор, кој е забранет да се користи како оружје според меѓународните воени закони.
Фосфорот, кој го труе организмот при вдишување, има силно дејство, така што предизвикува изгореници и отежнато дишење и создава сериозни оштетувања на мозокот и белите дробови кои се причина за смрт.
Се претпоставува дека причина поради која нема цивилни жртви е фактот што градот Хан Шејхун и селото Абидин, во голема мерка се испразнети поради интензивните напади последните два месеца од страна на силите на режимот.
- Состојбата во зоната за деескалација на судирите во Идлиб
Од почетокот на граѓанската војна во земјата, областа Идлиб, сместена во северозападниот дел на Сирија, се дефинира како тврдина на опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб, поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2025 година се наоѓа под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на силите на режимот.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судири. Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај сето тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето. За време на 12. средба меѓу Турција, Русија и Иран која се одржа на 25 и 26 април годинава во Нурсултан (поранешна Астана), главниот град на Казахстан, дојде до интензивирање на нападите во зоната.
Според информациите од Цивилната заштита, од 25 април досега, во нападите извршени од страна на силите на режимот загинаа најмалку 210 цивили, а повеќе од 515 се ранети.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за примирје во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведоа напади кои примораа повеќе од 550.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Режимот на Асад, благодарение на поддршката добиена од терористичките групи поддржани од Иран и руската воздухопловна поддршка, пред приближно еден месец започна широкоопсежни напади врз зоната за деескалација на судирите во Идлиб, при што е освоена територија од околу 100 километри квадратни. Вооружената опозиција повремено спроведува операции врз споменатата територија, со цел да ја врати територијата од рацете на режимот.