Selen Temizer
30 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) тврди дека режимoт на Башар ал Асад го извршил масакрот со хемиско оружје „најверојатно со поддршка на Русија, во рамките на трифазен план“, јавува Anadolu Agency (AA).
СНХР објави извештај со наслов „Најверојатно руските сили ги поддржале силите на режимот во масакрот кај Хан Шејхун“, подготвен врз основа на информациите добиени од лицата кои се спасиле од нападот, лекарите кои се грижеле за повредените, надлежните од цивилната одбрана, како и од сведоци.
Во извештајот во кој се истражува масакрот со хемиско оружје, извршен на 4 април во Хан Шејхун, Сирија, во кој загинаа 91 лице, а се повредени 520, се наведува дека во првата фаза е бомбардирањето на квартот Шамали од страна на воениот авион на режимот од типот „Су-22“, втората фаза се однесува на бомбардирање на патиштата што водат до Хан Шејхун, со цел да се спречи пристигнувањето на помошта за регионот бомбардиран со хемиско оружје, а третата фаза, со цел да се убијат повредените цивили, е неколкукратно бомбардирање на еден здравствен центар, центар за цивилна одбрана и на две места на кои биле пренесени повредените, изведено со воен авион за којшто СНХР тврди дека ѝ припаѓа на Русија.
Исто така, во извештајот се тврди дека воените авиони за коишто СНХР тврди дека ѝ припаѓаат на Русија, 48 часа пред нападот го бомбардирале јужниот рурален регион на Хан Шејхун, и направиле подготовки за да го спречат пристигнувањето на помошта по масакрот во Хан Шејхун.
- Тактика во основа слична со масакрот во Источна Гута -
Од друга страна, во извештајот се вели дека е користена тактика што во основа е слична со масакрот во Источна Гута, извршен на 21 август 2013 година, каде што загинаа 1.500 цивили.
Во извештајот се потсетува дека во 25 различни извештаи на СНХР е евидентирано дека режимот во текот на граѓанската војна, 346 пати користел хемиско оружје, и е наведено дека 169 од овие напади се извршени по донесувањето на резолуцијата 2118 од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), резолуција донесена по масакрот во Источна Гута.
Во извештајот се упатува апел до Советот за безбедност на ОН да изврши притисок врз Русија за таа да ја прекине поддршката за режимот.