Ekipa
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
ЖЕНЕВА/АНКАРА (АА) - Независната комисија на ОН за Сирија потврди дека силите лојални на режимот на сирискиот прeтседател Башар ал Асад во нападот на 4. април оваа година, во Хан Шејхун, Идлиб, користеле забрането хемиско оружје – гас сарин, јавува Anadolu Agency (AA).
Независната комисија, која дејствува при Советот за човекови права на ОН, денес објави извештај за случувањата во Сирија, во којшто е потврдено дека сириската војска во Идлиб користела хемиско оружје во нападот во којшто беа убиени најмалку 100, а ранети 150 цивили.
Во извештајот, исто така, се наведува дека воздушниот напад врз цивилите во селото Ал Џина кај Алепо, на 16. март оваа година го извршиле САД.
„Со нападот врз џамијата во Ал-Џина, во која цивилите беа на молитва, американските сили не презедоа мерки за заштита на цивилите и така го прекршија меѓународното хуманитарно право“, се наведува во извештајот на ОН.
Веста за нападот на американските воздушни сили врз цивилите во Ал-Џина прва ја објави Anadolu Agency (AA) и притоа откри дека станува збор за џематот Теблик, кој остро се противеше на радикализмот, а не се работи за радикалисти како што тврдеше американската војска.
Од Централната команда на американската војска (CENTCOM) на прашањето на АА прво тврдеа дека извршиле напад на упориштето на Ал Каеда кај Идлиб, а кратко потоа на повтореното прашање признаа дека нападот е извршен врз селото Ал-Џина, кое се наоѓа во областа Алепо.