Merve Aydoğan
23 Јуни 2018•Ажурирај: 24 Јуни 2018
ЊУ ЏЕРСИ (АА) - Anadolu Agency денес во сојузната американска држава Њу Џерси го забележа бегалецот на ФЕТО, Ајдоган Ватандаш, кој е клучна фигура во терористичката организација.
Ватандаш ја предводи медиумската структура на терористичката група и го води профилот на Твитер „Fuat Avni“.
Тој прво бил снимен во книжарницата и кафулето „Ant Bookstore & Cafe“ во подрачјето Клифтон во Њу Џерси, кое е едно од главните места за собирање на членовите на ФЕТО. Подоцна го посетил кафулето „Cafe 46“, кое го водат симпатизери на ФЕТО во подрачјето Хакенсак.
По ручекот во „Cafe 46“, Ватандаш преминал во дворот на ресторанот, а репортерите на АА се обиделе да му се обратат со прашања, на кои тој одбил да одговара и испаничен истрчал кон задниот влез на кафулето „Cafe 46“.
Првиот локал во кој е забележан Ватандаш, „Ant Bookstore & Cafe“ е книжарница во која се продаваат книги и публикации на лица блиски на ФЕТО. На интернет-страницата на книжарницата можат да се видат фотографии на Шериф Али Текалан, човек кој е поставен на чело на ФЕТО за територијата на САД.
На профилите на книжарницата на социјалните мрежи можат да се видат и фотографии на Енес Кантер, Хакан Шукур, Осман Озсој, Адем Јавуз Аслан, Абдулах Ајмаз и на други познати имиња поврзани со оваа организација. Ватандаш има статус на постојан посетител на книжарницата, а на фотографиите може да се види дека многу често ги потпишува своите книги или во книжарницата гостува како предавач.
Фоторепортерите на АА го забележаа и испраќањето на Ватандаш од книжарницата, односно неговото поздравување со нејзиниот сопственик Хусеин Шентурк. Ватандаш во 1995 завршил поморска академија, а потоа започнал да пишува во магазинот на ФЕТО „Aksiyon“.
Во 2001 година дипломирал Англиски јазик и книжевност на Универзитетот „Фатих“. Во периодот од 1995 до 2000 година работел во магазинот „Aksiyon“, а потоа во весникот „Zaman“ работел како новинар, уредник и колумнист. Од 2006 година Ватандаш живее во Њу Џерси, а подоцна започнал да пишува и за весникот „Today's Zaman“.
Со поддршка на ФЕТО завршил мастер студии од областа медиуми во „TheNewSchool“ во Менхетен, а потоа започнал докторат на Универзитетот „Алверниа“ во Пенсилванија.
Основач и уредник е на страницата „Politurco.com“. На порталот „Huffington Post“ пишувал текстови против Турција, и со членовите на ФЕТО продолжува да шири содржини против Турција на различни интернет-платформи.