Mehmet Solmaz
03 Ноември 2023•Ажурирај: 08 Ноември 2023
ГЛАЗГОВ (АА) - Првиот министер на Шкотска Хумза Јусаф потврди дека родителите на неговата сопруга Надија Ел-Накла, кои останале во Појасот Газа за време на бомбардирањето на опколената палестинска енклава, денес успеале да преминат во Египет преку граничниот премин Рафа, пренесува Анадолу.
Свекрвата на Јусаф, Елизабет Ел-Накла, и нејзиниот сопруг Магед, отпатувале од Шкотска во Газа пред конфликтот, кој започна на 7 октомври, за да посетат болен роднина.
„Овие последни четири недели беа жив кошмар за нашето семејство. Многу сме им благодарни на сите за пораки за утеха и молитви што ги добивме од целиот свет и навистина од целиот политички спектар во Шкотска и Велика Британија“, изјавија Јусаф и Ел-Накла во заедничко соопштение.
Тие додадоа дека иако лично чувствуваат олеснување, потресени се поради континуираното страдање на луѓето во Газа.
Тие ги повикаа сите страни да се согласат на итен прекин на огнот, да се ослободат заложниците и да се отвори хуманитарен коридор за да се овозможи проток на помош и гориво во регионот.
„Семејствата во Газа и Израел страдаат по загубата на потполно невини мажи, жени и деца. Се молиме за сите нив и се молиме меѓународната заедница конечно да се фокусира на постигнување траен мир во регионот. Правата и животите и на Палестинците и на Израелците се еднакви“, изјавија тие.