Muhammet Kurşun
02 Јануари 2019•Ажурирај: 03 Јануари 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) сакаат со економски санкци и потполна блокада да извршат притисок на Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Кабинетот на иранскиот претседател се наведува дека Рохани го примил Зијад ен Нахале, генералниот секретар на палестинското движење „Исламски џихад“, и дека во таа прилика е разговарано за палестинското прашање и американските санкции врз Иран.
Претседателот на Иран порача дека е можно да се оствари успех против американските и израелските завери, кое како што рече, Иран со својот отпор и борба го покажал во претходните 40 години.
„Немам никаков сомнеж дека ќе ги победиме непријателите во оваа економска војна. Нашиот народ е обединет и сложен во отпорот и борбата“, изјави Рохани.
Тој истакна и дека сите муслимани треба да помогнат палестинскиот народ да ги оствари своите права, бегалците да се вратат во своите домови и Ерусалим да биде главен град на независна Палестина.
„Војната на палестинскиот народ продолжува сè додека ционистичкиот режим не падне. Ционистичкиот режим со поддршка на новите владетели од Белата куќа го спроведува планот за хегемонија над целиот регион. Палестина е само еден дел од тој план“, изјави Рохани.
Тој нагласи дека освен борбата и отпорот не постои некој друг начин Палестинците да ги добијат своите права.
Ен Нахале, во рамките на посетата на Иран, се состана и со ајатола Али Хаменеи, со Мухамад Џавад Зариф, шефот на иранската дипломатија, и со уште неколку високи државни официјални претставници на Иран.