Alaattin Doğru
03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
ДАКАР
Во источниот дел на Демократска Република Конго (ДРК) при извршување незаконски ископувања во рудник за злато дошло до уривање на дел од рудникот. Според првичните проценки, во рударската несреќа животот го загубиле 20 лица, а 3 лица се потешко повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите што ги објавија локалните медиуми, во рударскиот басен Кампене, оддалечен 180 километри од градот Кинду, дошло до уривање на дел од рудник во кој се извршувале незаконски ископувања.
Стефан Камундала, официјален преставник на една невладина организација, изјави дека во рударската несреќа животот го загубиле 20 лица, меѓу кои има и жени и деца, а 3 лица се потешко повредени.
Камундала истакна дека во тек се спасувачки операции, додавајќи дека под урнатините се затрупани голем број лица, и ја изрази својата загриженост од можноста за зголемување на бројот на загинати.
Во рударските подрачја на ДР Конго богати со злато, бакар и кобалт, сиромашниот народ без дозвола влегува во напуштените рудници и работи во нив без да преземе безбедносни мерки.
Во јуни во областа Колвези, сместена во југоисточниот дел на земјата, се урна рудник кој незаконски работел, при што во несреќата животот го загубија 36 лица.