МОСКВА (АА) - На првата годишнина од договорот со кој се стави крај на конфликтот во Карабах во Јужен Кавказ, Русија го пофали овој договор како чекор со кој се овозможи да се стави крај на крвопролевањето и да се започне процесот за воспоставување мир во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Договорот генерално се спроведува, а Азербејџан и Ерменија останаа посветени на своите обврски од договорот“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
„Руските мировни сили исто така даваат значаен придонес во стабилизирање на ситуацијата и обезбедување безбедност во регионот. Нашите азербејџански и ерменски пријатели го ценат ова“, се додава во соопштението.
Мировната мисија придонесе за организирање на размената на затвореници, при што 105 затвореници се вратија во Ерменија, а 17 во Азербејџан и на Баку беа предадени мапи на три мински полиња.
Мисијата помага во испораката на хуманитарна помош, чистење мини и обновување на инфраструктурата.
„Продолжуваме да вложуваме напори да ги решиме преостанатите хуманитарни задачи што е можно побрзо, вклучувајќи ослободување на сите приведени лица, помош во расветлувањето на судбината на сите исчезнати лица, трансфер на телата на починатите и обезбедување целосно сигурни мапи на минските полиња“, се додава.
„Работата на осигурување на безбедноста на објектите од културно, религиозно и историско наследство продолжува“, се вели во соопштението.
Министерството вети дека ќе ја изврши задачата за да ги одблокира сите економски и транспортни врски во Јужен Кавказ и повика на брзо започнување на заедничките проекти меѓу Азербејџан и Ерменија, со цел да го откријат економскиот и транспортен потенцијал на Јужен Кавказ, врз основа на балансот на интересите.
Министерството ја нагласи важноста за намалување на тензиите на азербејџанско-ерменската државна граница и ги повика двете земји што побрзо да го започнат процесот на разграничување со демаркација.
„Подготвени сме да ја обезбедиме сета потребна советодавна помош“, се вели во соопштението.
Министерството ја нагласи важноста за вклучување во решавањето на прашањето со Нагорно Карабах на меѓународните институции како што се Групата Минск на ОБСЕ, Меѓународниот комитет на Црвен крст, Високиот комесаријат за бегалци на ОН и УНЕСКО.
„Русија ќе помогне на секој начин во нормализирањето на односите меѓу Ерменија и Азербејџан и ќе ги поддржи мировните иницијативи насочени кон проширување на контактите на сите нивоа за прашањата во врска со обезбедување стабилност, безбедност и економски развој во Јужен Кавказ“, се вели во соопштението.
„Ние, исто така сме подготвени да промовираме дијалог меѓу претставниците на јавноста на Република Азербејџан и Република Ерменија со учество на Руската Федерација, со цел да се создаде атмосфера на доверба меѓу азербејџанскиот и ерменскиот народ.
„Се залагаме за градење добрососедски односи меѓу земјите од Јужен Кавказ и нивните соседи, развој на заемно корисна регионална соработка“, се вели во соопштението.
- Кремљ: Договорот за Карабах стави крај на војната, го отвори патот за мирен живот во регионот -
Во посебно соопштение, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека Договорот за Карабах е исклучително важен, бидејќи ставил крај на војната и го отворил патот за мирен живот во регионот.
„Сепак, лидерите на Русија, Ерменија и Азербејџан немаат закажани контакти денеска за одбележување на првата годишнина од договорот“, изјави Песков.
Последните големи судири во регионот на Карабах избувнаа на 27 септември 2020 година, кога Ерменската армија започна напади врз цивилите и азербејџанските сили, прекршувајќи неколку договори за хуманитарен прекин на огнот.
Азербејџан започна антиофанзивна операција, подоцна наречена „Железна тупаница“, која доведе до 44-дневен конфликт кој заврши со ослободување на азербејџанското тло од речиси тридецениската окупација од ерменските сили.
На 8 септември Азербејџан го прослави Денот на победата на првата годишнина од ослободувањето на Шуша, бисерот на Карабах, кој одигра клучна улога во Татковинската војна, што доведе до пораз на ерменските сили.
Шуша, културно-историската престолнина на Азербејџан, беше ослободена по 28 години благодарение на Армијата, главно тимови на специјалните сили, бидејќи тешкото оружје и муниција не можеа да влезат во градот поради неговите географски и природни карактеристики.
Азербејџанските сили влегоа во Шуша, која е опкружена со планини и лоцирана на висок терен, само со лесно вооружување и ја уништија ерменската војска.
Ерменското раководство немаше друг избор освен да ги прифати условите на Азербејџан и да се повлече од окупираните територии во наредните денови.
На 10 ноември 2020 година, двете земји, со посредство на Русија, потпишаа договор за ставање крај на судирите и започнување процес за сеопфатно решавање на спорот.