Elena Teslova
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денес го демантираше подметнувањето пожар во манастирот „Скитот на сите светци“ во Украина, а исто така објави и за нападите извршени синоќа во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, ја демантираше изјавата на украинскиот претседател, Владимир Зеленски, за палењето на манастирот „Скитот на сите светци“ во Украина од страна на руската Војска.
Конашенков ги наведе изјавите на граѓаните кои живеат во близина на манастирот, велејќи дека украинската Војска сакала да постави артилериска позиција на територијата на архитектонскиот споменик, но ѝ се спротивставиле и световните и религиозните жители од областа, кои не ѝ дозволиле да го претвори местото во борбена зона поради страв од оштетување на културното наследство.
На 4 јуни, украинските војници кои се повлекуваат, според локалните жители, го запалиле дрвениот скит на Сите светци на руската земја, изграден во 2009 година.
„Не само монасите, туку и припадниците на локалната територијална одбрана кои им дојдоа на помош неуспешно се обидоа да го изгаснат пожарот во манастирот. Националистите го спречија тоа со отворање оган за да ги заплашат.“
„Зеленски, обвинувајќи ја Русија за намерно уништување на наследството на Украина и барајќи на оваа основа Русија да биде исклучена од ОН и УНЕСКО, не само уште еднаш што го излажа украинскиот народ, туку и целата светска заедница“, рече Конашенков.
Тој инсистираше на тоа Руските вооружени сили да продолжат со „специјалната операција“ за ослободување на Донбас, спречувајќи гранатирање или евентуално оштетување на објектите од историско и културно наследство.
„И покрај борбите што се случија во Свјатогорск (населбата во која се наоѓа манастирот), руските војници не направија штета на историските и православните споменици на територијата на (манастирот од 15 век) Свјатогорска Лавра.“
„Видеоснимките од моменталната состојба на културниот, историскиот, архитектонскиот и православниот споменик на Свјатогорската Лавра се претставени на сечие внимание“, рече тој.
- Повеќе цели погодени од руските сили
„Руската авијација синоќа погоди девет тенкови на Украина, 12 беспилотни летала, два повеќекратни ракетни фрлачи „Град“, батерија од теренска артилерија и осум повеќенаменски возила“, изјави Конашенков на брифингот со новинарите во Москва.
„Исто така, системите за противвоздушна одбрана соборија 12 беспилотни летала, додека високопрецизни воздушни проектили уништија две командни точки, три позиции за стрелање на артилериски батерии и две складишта за муниција“, рече тој.
„Меѓу другите цели, руската артилерија погоди самоодна хаубица М109А3 од Норвешка, две хаубици М777 од американско производство, седум теренски пиштоли и минофрлачи, вклучително и самоодна артилерија Пион (божур)“, додаде Конашенков.
„Стратешките ракетни сили погодија 39 контролни пунктови, 47 позиции на артилериските единици на Украинските вооружени сили, 10 оклопни возила, три повеќекратни ракетни фрлачи „Град“, 10 специјални возила, како и три фрлачи на системи за противвоздушна одбрана С-300“, изјави портпаролот.
„Над 500 области на концентрација на жива сила и воена опрема беа погодени од различни гранки на војници во понеделникот вечерта“, додаде тој.
„Вкупно, од почетокот на специјалната воена операција, уништени се 190 авиони, 129 хеликоптери, 1.139 беспилотни летала, 333 системи за противвоздушна одбрана, 3.443 тенкови и други оклопни борбени возила, 478 повеќекратни ракетни фрлачи, 1.807 теренска артилерија и минофрлачки пушки и 3.464 единици специјални воени возила“, рече Конашенков.