Burç Eruygur
06 Јануари 2023•Ажурирај: 09 Јануари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денеска започна 36-часовен едностран прекин на огнот во Украина по повод православниот Божиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Рускиот претседател Владимир Путин вчера му наложи на министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, да воведе режим на прекин на огнот вдолж целата линија на фронтот со Украина од 12 часот по локално време денеска до полноќ в сабота.
„Врз основа на фактот што голем број православни христијани живеат во борбените области, ја повикуваме украинската страна да прогласи прекин на огнот и да им даде можност да присуствуваат на богослужбите за Бадник, како и на ден Божиќ“, рече Путин.
Вчера и патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква, повика на примирје во Украина за Божиќ, кој повеќето православни христијани го слават на 7 јануари, и кој оваа година паѓа во сабота.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја обвини Русија во обраќањето доцна синоќа дека го користи прекинот на огнот како параван за да го запре воениот напредок на Киев.