Dmitri Chirciu
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
МОСКВА (АА) - Марија Захарова, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, истакнувајќи дека Израел користи „неконструктивна“ и „пристрасна“ реторика за Украина, рече: „Ова за нас е апсолутно неразбирливо и чудно“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за еден канал на Јутуб, Захарова ја оцени позицијата на Израел во војната меѓу Русија и Украина.
„Односите меѓу Русија и Израел не се влошија сами по себе“, рече Захарова и додаде: „За жал, во изјавите од Тел Авив дадени во последните месеци слушнавме апсолутно неконструктивна и што е најважно, пристрасна реторика. Ова за нас е апсолутно неразбирливо и чудно.“
Наведувајќи дека Израел покажува антируска позиција и ја поддржува само украинската администрација, Захарова рече дека „тоа е во согласност со чудниот и варварски глас на Западот и поставува прашалници“.
„Сега, кога од администрацијата на оваа земја слушаме коментари дека некои од активностите на Русија може да влијаат на билатералните односи, би сакала да прашам: Зарем истите луѓе не мислеа дека нивните постапки и изјави во последните месеци влијаеле на билатералните односи? Оваа позиција активно се промовираше. Овие изјави не се направени случајно. Тоа претставува многу широка политичка волја.“
Осврнувајќи се на прашањето дека Министерството за правда на Русија поднело барање до судот за затворање на претставништвото на Израелската еврејска агенција (JAFI), Захарова рече: „Ова е несомнено правна одлука.“
- Барање за затворање на претставништвото на Израелската еврејска агенција (JAFI) во Русија
Минатата недела руското Министерство за правда побара затворање на претставништвото на Израелската еврејска агенција (JAFI) во Русија. Прелиминарното рочиште за ова прашање се очекува да се одржи на 28 јули.
Се нагласува дела Израелскиот правен комитет, кој сакаше да оди во Русија за да разговара за ова прашање, сè уште нема добиено одобрение од властите во Москва.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во изјавата за темата дадена на 22 јули, рече дека барањето за затворање на руското претставништво на Израелската еврејска агенција (JAFI) е поврзано со руското законодавство.
Од друга страна, израелскиот премиер Јаир Лапид нагласи дека барањето на Москва за затворање на претставништвото на Израелската еврејска агенција (JAFI) во Русија ќе влијае на односите меѓу двете земји.
Израелската еврејска агенција (JAFI), која е основана во 1929 година, својата цел ја дефинира на следниот начин:
„На еврејските народи низ светот да им овозможи да се поврзат со нивното наследство и територии и да се поттикнат да изградат просперитетна еврејска иднина и силен Израел“.
Агенцијата исто така е позната по своите активности за спроведување на процесот на преселување на Евреите на палестинските територии.