Dmitri Chirciu
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) треба да го продолжат дијалогот со Русија за безбедносните гаранции, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рјабков во главниот град Москва даде изјава за медиумите во која се осврна на актуелни прашања.
Посочувајќи дека консултациите за безбедносните гаранции треба да продолжат, Рјабков рече: „Пред сѐ, мислиме дека за ова прашање САД треба да се вклучат во сериозен и значаен дијалог. Доколку САД се сериозно загрижени за оваа ситуација, треба да го продолжат овој дијалог зад затворени врати. Западот во последно време премногу јавно следи ‘мегафонска‘ дипломатија.“
Рјабков нагласи дека Русија тивко се фокусира на дипломатијата и рече: „Опцијата им припаѓа на Западот и на оние со ист став. Од нив зависат идните случувања.“
Наведувајќи дека продолжуваат да ги анализираат можните одговори на САД и НАТО во однос на безбедноста, Рјабков рече дека рускиот претседател Владимир Путин ќе донесе одлука за ова прашање.
- „Испораката на ТХААД во Украина ќе ги намали шансите за политичко решение на кризата“ -
Оценувајќи го тврдењето дека Украина го побарала противракетниот штит ТХААД (THAAD) од САД, Рјабков додаде:
„Опремувањето на Украина со оружје и воена опрема е обид да се изврши политички и воено-технички притисок врз нас. Тука има елемент на уцена и притисок. Испраќањето на ТХААД во Украина ќе ги намали шансите за политичко решение на кризата.“
- „„Северен тек 2“ стана алатка за притисок“ -
Посочувајќи на изјавите на САД и некои западни земји за проектот за природен гас „Северен тек 2“, Рјабков рече дека тие изјави се забавни и претставуваат политички циркус.
Тој нагласи дека проектот се претворил во „алатка за притисок“, за што рече: „Ова е одраз на реалноста во Европа, НАТО и Европската Унија (ЕУ). Нема обид да се дејствува независно и правилно да се проценат сопствените интереси. Се повторуваат истите работи. Некои се подготвени да издржат секакви тешкотии за да ја клеветат Москва. Ова е суштината на западната, особено на политиката на ЕУ.“