Elena Teslova
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин оствари телефонски разговор со премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Путин и Пашинјан дискутираа за мировната мисија на Организација на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) во Казахстан и Нагорно-Карабах“, се вели во соопштението на Кремљ.
Оттаму се додава дека земајќи го предвид претседавањето на Ерменија во Организација на Договорот за колективна безбедност разменети се мислења за напредокот на мировната операција на ОДКБ во Казахстан. Забележани се ефективни координирани акции на мировниот контингент кои придонесуваат за нормализирање на ситуацијата во републиката.
„Се дискутираше за актуелната ситуација околу Нагорно-Карабах и некои прашања за спроведувањето на договорите запишани во изјавите на лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија, на 9 ноември 2020, 11 јануари и 26 ноември 2021“, се вели во соопштението.
На 2 јануари избувнаа протести во Казахстан поради зголемувањето на цената на течниот гас во градот Жанаозен во Мангистау, кои прераснаа во судири со полицијата, а најнасилните случувања беа во Алмати, поранешниот главен град на Казахстан.
Казахстанскиот претседател Касим Џомерт Токаев побара помош од сојузниците од ОДКБ и за краток период во земјата пристигнаа мировници од Русија, Белорусија, Ерменија и Таџикистан кои ги поддржаа казахстанските органи за спроведување на законот со цел враќање на редот.
Врските помеѓу поранешните советски републики Ерменија и Азербејџан се тензични од 1991 година кога ерменската војска го окупира Нагорно-Карабах, територија меѓународно призната како дел од Азербејџан, и седум соседни региони.
Последните судири беа во септември 2020 година, при што Азербејџан ослободи неколку градови и речиси 300 населби и села кои беа окупирани од Ерменија речиси три децении.
Договорот со посредство на Русија стави крај на 44-дневниот интензивен конфликт во ноември 2020 година.