Ekipa
30 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ЧИКАГО (АА) - Бројот на загинати во уривањето на дел од станбената зграда минатата недела во Сурфсајд, Флорида, се искачи на 12, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Градоначалничката на округот Мајами-Дејд, Даниела Левин Кава, соопшти дека од под урнатините е извлечено уште едно тело. Таа изјави дека за 149 лица сѐ уште нема информации.
Кава истакна дека операциите за пребарување и спасување продолжиле во текот на вчерашниот ден, и покрај лошите временски услови - силните врнежи од дожд.
Од зградата се пронајдени околу 125 лица.
Кава истакна дека е предизвик да се детектираат станарите за кои се знае или не, бидејќи информациите пристигнуваат од најблиските и пријателите од целата земја или од странство, како и од оние кои се појавиле на местото.
„Ги добиваме овие информации од многу различни извори“, рече таа, „така што нашите детективи работат деноноќно за да стапат во контакт со сите оние што се идентификувани за да потврдат.“
Кава ги пофали луѓето кои се дел од екипите за пребарување и спасување, нарекувајќи ги херои, а исто така се заблагодари и за донациите што пристигнуваат за жртвите и нивните семејства од целиот свет.
Таа, исто така, рече дека го поддржува отворањето истрага на Големата порота за колапсот. Истражителите се фокусираат на извештајот на градежниот консултант од 2018 година, кој открил големи структурни оштетувања на дел од бетонот за време на инспекцијата.
Се очекува американскиот претседател Џо Бајден да го посети местото утре, додека блиските со надеж се собираат во близина на урнатините. Лидерот на израелскиот тим за спасување за „Си-ен-ен“ изјави дека спалните соби на становите се покриени со бетон со дебелина од 3 до 5 метри.
Кава нагласи дека потрагата по преживеаните и напорите за идентификување на жртвите и понатаму е бавен и методичен процес.