Kasım İleri
30 Јуни 2021•Ажурирај: 01 Јули 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (Пентагон), Џон Кирби, истакна дека сѐ уште има американски војници на Аеродромот „Хамид Карзаи“ во Кабул, Авганистан, и рече дека нема јасна одлука дали овие војници ќе се повлечат оттаму, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека повлекувањето на САД од Авганистан продолжува брзо, администрацијата на претседателот Џо Бајден продолжува со проценките колку војници да остави во Авганистан за да ги заштити американските дипломати.
На дневната прес-конференција, одговарајќи на прашањата на новинарите, портпаролот на Пентагон, Кирби, истакна дека САД нема да имаат друга мисија по повлекувањето, освен заштита на дипломатската мисија и одржување билатерални односи со Авганистанската армија.
Кирби, наведувајќи дека сѐ уште не е донесена одлука колку војници ќе остават за да ја заштитат Американската амбасада во главниот град Кабул, рече:
„Свесен сум дека зборуваме за Авганистан. Вие би очекувале дека нема да оставиме мал марински корпус како во другите земји. Се работи на бројката, но сѐ уште не е финализирана.“
Запрашан за тврдењата дека САД ќе остават војници на Аеродромот „Хамид Карзаи“ за да го заштитат, Кирби рече: „Имаме уште војници таму, но сѐ уште не е јасно што ќе се случи во иднина. Го оценуваме тоа.“
Кирби, одговарајќи на прашањето дали ќе бидат повлечени преостанатите војници од Аеродромот „Хамид Карзаи“, изјави дека се работи на тоа прашање, но дека сѐ уште не е донесена јасна одлука.
Американската администрација постигна договор со Талибанците на 29 февруари 2020 година и се согласи да се повлече целосно од Авганистан на 1 мај 2021 година.
Администрацијата на Џо Бајден, пак, најави дека ќе се повлече целосно од Авганистан до 11 септември.
Според последната изјава на Централната команда на вооружените сили на Соединетите Американски Држави (CENTCOM), повеќе од 50 проценти од повлекувањето е завршено и шест воени бази се предадени на авганистанските сили, но Командата сѐ уште официјално не го објавила бројот на повлечени војници.