Servet Günerigök
31 Август 2023•Ажурирај: 01 Септември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) вчера ги повикаа сите американски државјани што поскоро да го напуштат Хаити, пренесува Анадолу.
„Имајќи ги предвид моментната безбедносна ситуација и инфраструктурните предизвици, американските државјани би требало да го напуштат Хаити што поскоро со комерцијален или приватен превоз“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
На државјаните им е препорачано да бидат крајно внимателни при патувањата во таа земја, како и да избегнуваат демонстрации и големи собири.
Кон крајот на јули Вашингтон издаде предупредување за своите државјани да не патуваат во Хаити, наведувајќи ги како причина киднапирањата, криминалот, граѓанските протести и лошата здравствена инфраструктура. Дадена е наредба за заминување на членовите на семејствата на службениците на американската Влада и на персоналот што не е неопходен.
Во последните години насилството на бандите ја втурна оваа карипска земја во криза без преседан. Бандите контролираат 80% од главниот град Порт о Пренс, во кој живеат три милиони луѓе. Жителите на овој град се изложени на силувања, измачувања и киднапирања. Локалните невладини организации документираа 539 киднапирања од почетокот на годината.
Од јануари досега над 2.400 луѓе во Хаити наводно ги загубиле животите во насилствата во кои се вмешани банди.
Претходно овој месец во Хаити американска медицинска сестра и нејзината ќерка беа пуштени на слобода две недели по киднапирањето.