Mohamad Misto,Kasım İleri,Ethem Emre Özcan
26 Јуни 2020•Ажурирај: 27 Јуни 2020
АНКАРА (AA) - МУХАМЕД МИСТО -
Властите на Соединетите Американски Држави (САД) дадоа 21 милион долари помош на терористичката организација ЈПГ/ПКК на северот на Сирија и тоа откако во сила стапи Законот „Цезар“, кој предвидува воведување дополнителни санкции на режимот на Башар ал Асад и неговите сојузници во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Законот за заштита на цивилите во Сирија на сила стапи во САД на 17 јуни, а доверливи извори соопштија дека властите на САД ден подоцна на ЈПГ/ПКК им дале директна финансиска помош во износ од 21 милион долари за да оваа терористичка организација ја заштитат од евентуалните последици од имплементацијата на Законот „Цезар“.
Истиот ден, односно на 18 јуни, терористичката организација ЈПГ/ПКК за 150 отсто ги зголеми платите на работниците во сириските региони кои ги држат под окупација.
Неименувани извори исто така соопштија дека на терористите на ЈПГ/ПКК им олеснило по американската помош и дека таа, судејќи по сѐ, нема да биде еднократна, туку по потреба ќе биде продолжувана.
Новинарите на АА испратија прашање во кое за оваа американска трансакција коментар побараа од гласноговорникот на меѓународната коалиција која во борбата против тероризмот ја предводат токму САД, но тие рекоа дека за таков коментар е релевантно Министерството за надворешни работи на САД. Гласноговорникот Милс Кагинс рече дека за потребите во борбата против пандемијата на Ковид-19 е дадена помош од 1,2 милиони долари на ЈПГ/ПКК кои се претставуваат под називот на таканаречени Сириски демократски сили (СДФ).
На прашањето дали САД овие денови донирале финансиска помош на терористите на ЈПГ/ПКК, одговор стигна од Стејт департментот во кое Министерството за надворешни работи на САД негира дека дало каква било помош.
ЈПГ е огранок на терористичката организација ПКК која дејствува во Сирија и која се претставува под називот СДФ, а како таква беше сојузник на САД во борбата против терористичката организација ДЕАШ. Турција се противи на поддршката која САД им ја даваат на ЈПГ/ПКК и ги предупредува САД дека борба против една терористичка организација не може да се води во соработка со други терористи, туку дека борбата против тероризмот мора да биде сеопфатна.
АА и претходно известуваше за колоните шлепери со кои САД од Ирак им доставуваше помош на терористите на ЈПГ/ПКК на северот на Сирија.