САД: Демократските пратеници бараат одговори за контроверзното притворање на турската студентка
„Се чини дека образложението за ова апсење е изразувањето на политичките ставови на студентката“, истакнаа пратениците

Washington DC
Над 30 пратеници од демократите го повикаа Министерството за домашна безбедност (DHS) и Службата за имиграција и царина (ICE) да го објаснат притворањето на турската студентка Румејса Озтурк по нејзиниот напис во кој го критикува Израел, јавува Анадолу.
Во писмото испратено вчера до државниот секретар Марко Рубио, државната секретарка за домашна безбедност Кристи Ноем и вршителот на должноста директор на ICE, Тод Лајонс, 34 членови на Конгресот од демократите изразија загриженост за апсењето на Озтурк.
Озтурк (30), турска докторантка на Универзитетот Тафтс и дел од студентската програма Фулбрајт, беше уапсена од ICE доцна во вторникот во близина на нејзиниот дом во Сомервил, Масачусетс, додека одеше на ифтар.
„Се чини дека образложението за ова апсење е изразувањето на политичките ставови на студентката“, напишаа пратениците. „Повикуваме на целосна соодветна постапка во овој случај и бараме одговори за оваа постапка и за политиката на ICE што доведе до идентификација и апсење на студенти со валиден статус на престој“.
Скоро 24 часа не се знаеше каде е одведена Озтурк, при што на онлајн системот за лоцирање на притвореници на ICE првично не беше наведен притворниот центар каде што се држи. До средата попладне, беше потврдено дека се држи во Центарот во Јужна Луизијана, и покрај налогот на федералниот суд со кој се забранува нејзино изведување од Масачусетс на 48 часа, без претходна најава.
Иако Министерството за домашна безбедност јавно не ја откри причината за апсењето на Озтурк, пратениците изразија загриженост дека нејзиното притворање одговара на моделот на ICE насочен кон студентите „поради нивните политички ставови“.
„Ова се длабоко вознемирувачки инциденти. Администрацијата не треба да ги приведува и депортира резидентите на оваа земја кои имаат легален престој само поради изразување на нивните политички ставови“, напишаа пратениците.
„Во отсуство на убедливи докази кои го оправдуваат нејзиното притворање и одземањето на нејзиниот статус, бараме ослободување на Озтурк и враќање на нејзината виза“, се додава во писмото.
Исто така, се бараат одговори за правната оправданост за апсењето на Озтурк, користењето необележани возила и маскирани агенти за време на приведувањето, и политиките на Министерството во врска со одземањето на визите за студентите вклучени во активизам.
Меѓу 34-те потписници на писмото се претставниците Прамила Џајапал, Илхан Омар и сенаторите Берни Сандерс и Елизабет Ворен.
Властите тврдат дека Озтурк била вклучена во активности за поддршка на палестинската група Хамас - тврдење кое нејзиното семејство и правните застапници силно го негираат. Властите не дадоа никакви докази што ја поврзуваат Озтурк со насилство.
Нејзините пријатели и семејството велат дека таа била уапсена по кампањата на „Canary Mission“, произраелска веб-страница која ги става на црните листи пропалестинските студенти и активисти, што произлегува од текстот што таа го напиша во 2024 година во кој го критикуваше Израел.
Против Озтурк не е подигнато обвинение, според нејзината адвокатка. На видео што стана вирално се снимени моментите на нејзиното приведување, при што се гледа како маскирани лица ѝ ставаат лисици и насилно ѝ го одземаат телефонот.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.