Ekipa
01 Септември 2019•Ажурирај: 02 Септември 2019
МАЈАМИ (АА) - Ураганот Доријан во текот на денешниот ден се интензивира, доближувајќи се до северниот дел на Бахамите, со јачина на ветровите од 5. категорија, со високи бранови и поројни дождови, додека населението бара засолниште во училиштата, црквите и други засолништа, пренесува Аnadolu Agency (AA).
Националниот центар за урагани во Мајами соопшти дека максималнo одржливата брзина на ветровите на ураганот се зголемила на 260 км/час од претходните 241 км на час.
„Разорувачкиот ураган се очекува да се спушти на островите Абакос рано во недела и на островот Гранд Бахама подоцна во текот на денот“, соопшти Центарот.
Милиони жители од сојузните американски држави Флорида, Јужна и Северна Каролина го следат движењето на Доријан, по индикациите дека тој би се движел кон североисток, по минувањето на Бахамите, кон американскиот југоисточен брег. Но, властите предупредија дека дури и ако центарот на ураганот не биде на американското крајбрежје, големото невреме нема да ги одмине американските крајбрежни области, проследено со силни ветрови.
Во северниот дел на Бахамите, хотелите се затворени, жителите ги заштитија домовите, а официјалните лица ангажираа чамци за превезување на населението од пониските области на повисоките делови на островот.
Владиниот портпарол, Кевин Харис, изјави дека Доријан се очекува да зафати 21.000 домови, со околу 73.000 жители.
Се претпоставува дека невремето во понеделник попладне ќе ги помине Бахамите, а потоа нагло ќе сврти кон американскиот брег, недалеку од брегот на Флорида и Џорџија да стигне во вторник и среда, а потоа во четврток да продолжи кон Јужна и Северна Каролина.
Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, ги предупреди жителите покрај густо населениот брег на Атлантикот дека сè уште постои опасност.