Andrew John Roesgen
17 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
ЧИКАГО (АА) - Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави (САД) вчера соопшти дека отвора две дополнителни воени бази за државјаните на Авганистан кои бегаат поради преземањето на контролата во земјата од страна на талибанците, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Форт Мекој“ во сојузната држава Висконсин и „Форт Блис“ во Тексас ќе се приклучат на претходно најавената база „Форт Ли“ во Вирџинија како привремени домови за околу 22.000 Авганистанци што им помагаа на САД и нивните сојузници за време на 20-годишната војна. Се очекува Авганистанците да пристигнат за три до четири недели.
Гери Рид, кој ги предводи напорите на Пентагон во програмата за специјална имигрантска виза, рече дека трите воени бази сè уште немаат капацитет да соберат толку Авганистанци, но дека ќе биде потребно извесно време да се прошират.
Рид, исто така, рече дека САД работат со неидентификувана земја во регионот на Авганистан и со други за да помогнат во служењето како попатни станици додека ги извлекуваат луѓето, за да може да направи распоредување, а потоа да помогнат со транспортот од овие локации.
Откако авганистанските бегалци ќе пристигнат во базите, агенции ќе почнат да работат на обезбедување домување и вработување, школување на децата и закажување термини кај лекари.
Во Висконсин, Еврејските социјални служби во градот Медисон, околу еден час подалеку од „Форт Мекој“, се подготвуваат да прифатат семејства. Групата веќе пресели околу дваесетина Авганистанци во последните неколку месеци.
Речиси 20.000 Авганистанци, што ѝ помагаа на Америка во воените напори, бараат специјални имигрантски визи, но Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул во последните 48 часа беше преплавен со граѓани кои очајно сакаа да излезат од земјата.
Портпаролот на американското Министерство за одбрана, Џон Кирби, вчера изјави дека официјалните лица ги истражуваат извештаите за повеќе лица кои загинале од транспортниот авион што заминувал од Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, како и од транспортниот авион „Ц-17“, кој очигледно бил преполн со над 600 луѓе, и покрај тоа што бил дизајниран да превезува нешто повеќе од сто.