Servet Günerigök
31 Мај 2020•Ажурирај: 01 Јуни 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Протестите во делови од Соединетите Американски Држави (САД) продолжуваат петти ден по ред, поради смртта на Џорџ Флојд, невооружен Афроамериканец, кој почина откако беше приведен од страна на полицаец белец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во главниот град на САД, фокусна точка на протестите беше околината на паркот „Лафајет“, што се наоѓа наспроти Белата куќа, каде што илјадници луѓе, меѓу кои и белци и муслимани, се собраа доцна синоќа.
Демонстрантите втора ноќ по ред извикуваа „Не можам да дишам“, „Животот на црните луѓе е важен“ и „Без правда, нема мир“. На протестите во петокот вечерта уапсени се шест лица, според Американската тајна служба.
Демонстрантите ги кршеа безбедносните барикади, фрлаа шишиња со вода кон полицијата и извикуваа слогани против претседателот Доналд Трамп.
Националната гарда пристигна во помош на полицијата и Тајната служба откако поголем број демонстранти пристигнаа на местото. Полицијата употреби солзавец за да ги потисне демонстрантите.
Првите протести избија во понеделникот кога Џорџ Флојд (46) почина откако полицаецот Дерк Шовин при приведувањето во Минеаполис го ставил коленото на неговиот врат поради што Флојд изгубил здив.
Флојд беше уапсен во понеделникот, откако, наводно, се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница.
Полицаецот Шовин (44) беше уапсен во петокот и обвинет за убиство од трет степен и убиство без умисла од втор степен, но тоа не го потисна гневот во врска со полициската бруталност и насилство.
Тројцата други полицајци, кои беа вклучени во приведувањето на Флојд, чии последни зборови беа: „Не можам да дишам“, се отпуштени заедно со Шовин, но не се обвинети.